- Published: 05.06.2019.
Силна поддршка Република Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ ова лето
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со делегација од Хрватскиот сабор, предводена од пратеникот Домагој Милошевиќ, претседател на Комитетот за европски работи, придружувана од амбасадорката на Република Хрватска во земјава, Данијела Баришиќ.
На средбата, на којашто присуствуваа пратеници и од власта и од опозицијата во Хрватскиот сабор, изразена е силна поддршка за европските перспективи на Република Северна Македонија, откако во Република Хрватска беше ратификуван Протоколот за членство на нашата држава во НАТО.
На средбата се поздравени храбрите, лидерски политики на премиерот Заев, што ги отворија евро-атлантските интеграции на земјава и покажаа дека во политиката се можни решенија низ дијалог и за најчувствителните билатерални прашања. Ова е оценето како охрабрувачки пример за целиот регион. Изразено е очекување дека и Берлин и Брисел и цела Европа ќе го препознаат тој пример што придонесува за стабилноста и безбедноста на регионот, како и на самата Европска унија и ќе овозможи скорешен почеток на преговорите.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на хрватските пратеници за огромната пријателска поддршка од Република Хрватска за Република Северна Македонија.
Тој ги сподели позитивните реакции од средбите со претставниците на Европската комисија со коишто се врати денеска од Брисел. Премиерот рече дека Европа на нашата држава гледа како на светол пример, со решени билатерални прашања со соседите и поради успешно донесени реформи, низ дијалог со опозицијата, коишто успешно и се спроведуваат.
Претседателот на Владата, Заев, на средбата со пратениците од Хрватска изрази надеж, дека ќе се остварат очекувањата и најавите на претседателот на ЕК, Јункер,за добивање датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ова лето, во јуни или јули, пред годишните одмори.
Премиерот Заев и претставниците на Хрватскиот сабор на средбата разговараа и за унапредувањето на соработката помеѓу двете држави, како на пример во областа на економијата и туризмот, како и за важноста од унапредувања на правата на малцинствата на државите, во двете земји, коишто се меѓу мостовите на поврзување на Република Северна Македонија и Република Хрватска.
(izvor: https://vlada.mk/node/18111)