- Published: 06.06.2019.
Претседателот Пендаровски се сретна со делегација од Хрватскиот сабор
Претседателот Стево Пендаровски, денеска прими делегација од Хрватскиот сабор, предводена од Домагој Милошевиќ, претседател на Комитетот за европски работи.
Како што известуваат од кабинетот на претседателот, на средбата биле разменети мислења за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Хрватска, при што Пендаровски изразил уверување дека традиционално пријателските релации меѓу двете држави и во иднина ќе се зајакнуваат, преку интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.
Соговорниците се согласиле дека напредокот на државата во ЕУ и НАТО позитивно ќе се одрази, не само врз внатрешната општествено-политичка состојба во земјата, туку и врз стабилноста и развојот на целиот регион.
Хрватските пратеници ја реафирмираа безрезервната поддршка на Република Хрватска и изразија уверување дека Европскиот совет ќе одреди датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија, која е пример и светла точка на Балканот, наведуваат во соопштението од Кабинетот на претседателот.
На средбата се истакнал придонесот на малцинствата од двете држави како регионален пример на искрено пријателство меѓу двете земји.
Како што соопштуваат, соговорниците разговарале и за економската соработка меѓу двете држави и се заложиле дека во иднина треба да се воспоставуваат нови, заеднички проекти и иницијативи во областа на трговската размена.