- Published: 26.11.2015.
Посетата на Министерот за внатрешни работи на Република Хрватска
Денес, 26.11.2015 година во 14 часот, Во посета на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија пристигна делегација на Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска, предводени од г-дин Ранко Остоиќ, Министер за внатрешни работи на Република Хрватска, придружуван од високи претставници на хрватското Министерство и од Амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, Н.Е. Данијела Баришиќ. Делегацијата беше пречекана од Министерот за внатрешни работи на Република Македонија г-дин Оливер Спасовски, придружуван од двајцата заменици министри и други високи претставници од Министерството.
На средбата беше дискутирано за традиционално добрите меѓусебни односи и соработка, како на политички така и во другите области, вклучувајќи ги и внатрешните работи. Посебно беше истакната поддршката што Република Хрватска и ја дава на Република Македонија во однос на нашите евроатлантски аспирации.
Посебен акцент на средбата беше ставен на бегалската и миграциската криза, како најгорливо прашање во моментов за двете држави, при што, Министерот за внатрешни работи на Република Хрватска ја истакна загриженоста за новонастанатата ситуација со мигрантската криза и со профилирањето на мигрантите во однос на вистински бегалци од земји зафатени со војна и економски мигранти. Исто така, Министерот изрази загриженост за состојбата со регистрацијата на мигрантите, т.е. со дуплирањето на работите во однос на регистрацијата на мигрантите од страна на сите држави на балканската рута. Воедно, тој ја претстави организацијата на Република Хрватска во однос на приемот и регистрацијата на бегалците во една точка, во таканаречениот централизиран пункт во Славонски Брод, при што даде некои конкретни предлози за прием, регистрација и профилирање на бегалците и ја истакна подготвеноста на Република Хрватска да и помогне на Република Македонија во секој поглед. Освен тоа, Министерот Остоиќ истакна дека Република Хрватска е подготвена да организира и Конференција во однос на регистрацијата и профилирањето на мигрантите, наменета за сите земји засегнати од кризата.
Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски истакна благодарност за поддршката на Република Хрватска во сите аспекти, особено на полето на внатрешните работи. Воедно, тој ја поддржа идејата за заедничко решение во врска со регистрацијата на мигрантите, како би се избегнало дуплирање на работите од страна на сите земји на балканската рута. Исто така, Министерот ја истакна огромната потреба за меѓусебна координација и помош и изрази надеж за продолжување за традиционално добрите односи помеѓу двете министерства.
(http://www.mvr.gov.mk/vest/925)