Министерот Фазлиу на министерска конференција во Загреб

Во организација на Министерство за регионален развој и ЕУ фондови на Хрватска, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во Загреб учествувa на министерска конференција на тема “Поттикнување на кохезијата и конкурентноста преку регионална соработка”.

Хрватската министерка за регионален развој и ЕУ фондови Габријела Жалац, домаќин на конференцијата, истакна дека на Форумот на Јадранско-Јонската иницијатива во Катанија, пред само една недела, осумте земји, членки, прифатиле Република Македонија да биде деветата земја, членка, по што ќе следува формалната потврда од Советот на Европската Унија и од Европската Комисија, со што  Република Македонија станува дел од макрорегионалната структура во рамките на регионалната развојна политика на Унијата.

На конференцијата министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу истакна дека регионалната соработка е од исклучителна важност за целиот регион, од аспект на развојот, надминување на постојните големи диспаритети и достигнување на стандардите на Европската Унија во одредени области.

-Владата на Република Македонија во овој период прави огромни напори за унапредување на процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија. Позитивниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на земјата во сите области и чистата препорака за отпочнување на преговорите со Унијата за нас се голем мотив и поттик да ги интензивираме реформите и да го отвориме процесот на преговори. Владата на Република Македонија од првиот ден работи на регионалното поврзување и соработка како еден од главните услови за интегрирање во Европската Унија.

Министерот Фазлиу истакна дека во текот на 2017 година Република Македонија има рекордна сума искористени средства од ИПА инструментот на ЕУ, односно, неколку пати повеќе во споредба со претходните години.

-Во вториот ИПА програмски период Министерството за локална самоуправа ја координира  имплементацијата на програмите за прекугранична соработка со сите соседни земји, Бугарија, Албанија, Грција, Косово и Србија, како и програмата за трансгранична соработка, за кои се наменети вкупно околу 100 милиони евра. На овој начин националните развојни политики финансирани со буџетски средства, рече Фазлиу, добиваат додадена вредност и преку ЕУ финансирањето, но уште поважно е градењето на свест за нужноста од соработка од што добиваат сите.

Министерот Фазлиу истакна дека единствено преку вклученост на сите земји од регионот во макро регионалната политика на Европската Унија ќе може да се обезбеди економски и социјален просперитет и раст на регионот преку подобрување на неговата атрактивност, конкурентност и поврзаност.

(izvor: http://mls.gov.mk)

 



Press releases