19-та Литературна манифестација „Илинден 2018“


Во незаборавна атмосфера, во која тишината ја параа стиховите, како мелем за душите на присутните во преполната сала на домот на култура „Илинден“, се одржа централниот настан на 19-та Литературна манифестација „Илинден 2018“, поетскиот митинг „Стихови за душата“.

Величествена атмосфера во која вистински се уживаше во стиховите на 26 автори од Македонија и балканските држави. Меѓу нив, Ефтим Клетников, Веле Смилевски, Раде Силјан, Санде Стојчевски, Ристо Василевски и Миќо Цветиќ од Република Србија, Марија Атлиман од Република Бугарија, Божидар Брезничак Багола од Република Хрватска, потоа Весна Ацевска, Георги Барбаровски, Кристина Николовска, Стојан Тарапуза, Филип Клетников, Игор Крајчев, Фима Клетникова, Кире Неделковски, Марина Мијаковска, Ленче Милошевска, Билјана Станковска, Виолета Танчева Златева, Мирјана Тренчева, Анита Бошкова, Ели Маказлиева, Ивана Величковска Боцеска, Васо Николовски Вселенов и македонско-хрватската поетеса, Љерка Тот Наумова.

Поетскиот митинг го отвори покровителот на Литературната манифестација „Илинден 2018“, градоначалникот на Oпштина Илинден, Жика Стојановски, кој истакна дека е среќен што ја има честа да го отвори овој празник на пишаниот збор - поетскиот митинг „Стихови за душата“.

На присутните им се обрати и претседателот на собранието на Друштвото на писателите на Македонија, Христо Петревски, кој му се заблагодари на градоначалникот Жика Стојановски и на општина Илинден што толку години по ред успешно реализираат една ваква голема манифестација која дава голем придонес во негувањето на пишаниот збор.

На сите учесници во манифестацијата градоначалникот Жика Стојановски им додели признанија за особен придонес во афирмацијата на културниот развој на општина Илинден.

Истовремено за особен придонес за воспоставување и негување на пријателство со остварување на контакти кои резултираа со потпишување на спогодба за пријателство меѓу општина Илинден од Р.Македонија и општина Решетариод Р.Хрватска и посебни заслуги за реализирање на заеднички проекти во областа  на ЛЕР- култура и образование, градоначалникот Стојановски посебно признание и додели на поетесата Љерка Тот Наумова.

Поетскиот митинг „Стихови за душата“ беше заокружен со музички колаж на Марјан Јанкоски и „Портал“.

(http://www.ilinden.gov.mk/content/so-poetski-miting-%E2%80%9Estihovi-za-dushata%E2%80%9C-beshe-krunisana-19-ta-literaturna-manifestacija-%E2%80%9Eilin)



Press releases