- Published: 02.10.2015.
Средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев со амбасадорката на Р.Хрватска во Р.Македонија
(http://www.sdsm.org.mk/default.aspx?mId=55&agId=5&articleId=12445)
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од членката на И.О на СДСМ, Сања Лукаревска попладнево се сретна со Данијела Баришиќ, новоименуваната амбасадорка на Р.Хрватска во Р.Македонија.
Тема на состанокот беа чекорите во процесот на потребната разврска на политичката криза во Македонија и искуствата што може да ги искористи Македонија од Хрватска за враќање на демократските процеси во нормален колосек.
-Избрана е специјалната јавна обвинителка која извести дека го формирала нејзиниот тим. Очекуваме ефикасна работа на специјалното јавно обвинителство и на судството за прислушувањето и делата коишто произлегуваат од него, којашто ќе биде и силна порака дека вакво нешто никогаш повеќе не смее да се повтори, рече претседателот Заев.
Претседателот Заев информираше дека по затворањето на правно-формалните подготовки за квалитетна поставеност на СДСМ во техничката Влада, исклучиво во функција на граѓаните и на фер изборен процес, викендов СДСМ ќе почне со разгледување на можните кадровски решенија.
-Нашата цел не е да владееме заедно со ВМРО-ДПМНЕ, туку да бидеме гаранти во подготовките за неопходните фер и демократски избори, рече претседателот Заев.
Хрватската амбасадорка нагласи дека е посебно важно решавањето на поглавјето 23 коешто се однесува на ефикасност и непристрасност на правосудството и на фундаменталните права, на што Брисел, посебно се фокусира кога станува збор за напредокот на земјите кандидатки. Амбасадорката Баришиќ изрази подготвеност за потребната помош на Македонија на тој пат.