Средба на министерот Адеми со хрватскиот амбасадор во Македонија

Министерот за култура Асаф Адеми денеска во Министерството за култура оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, Данијела Баришиќ .

На средбата беа потенцирани традиционалнo добрите културни врски помеѓу двете земји, кои се потврдени и со потпишувањето на петтата Програма за соработка  за периодот 2016-2019 година, а се разговараше и за интензивирање на активностите со кои би се продлабочила соработката меѓу институциите од областа на културата.

Двајцата соговорници ја истакнаа одличната соработка помеѓу Министерството за култура и Амбасадата на Република Хрватска во Република Македонија која во изминатиот период се карактеризираше со реализација на повеќе проеки и гостувања на македонски и хрватски уметници на манифестациите во двете земји.  Особено интензивна и успешна е соработката меѓу двете држави и националните комисии во доменот на заштитата на културното наследство, а забележителна е и соработката на двете држави во реализацијата на заеднички проекти во рамките на Регионалните мрежи на националните комитети на Меѓународниот совет на музеите - ИКОМ и на Меѓународниот совет за споменици и локалитети - ИКОМОС.

Адеми и Баришиќ на средбата разговараа и за идните активности со кои би се продлабочиле културните врски меѓу Македонија и Хрватска. Во тој контекст Адеми информираше дека во 2018 година, Министерството за култура ја поддржа реализацијата на солистички концерти на флејтистот Страшо Темков во Макарска, Омиш, Трогир и Хвар, Здружението „Романо Ило“ ќе се претстави во Пула, додека Марија Милошевска ќе го реализира визуелниот перформанс „Уметноста е жива“ во Ровињ.

(Izvor: http://www.kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/novosti/4218-sredba-na-ministerot-za-kultura-ademi-so-hrvatskiot-ambasador-vo-makedonija)



Press releases