Македонија и Хрватска ќе работат на интензивирање на економската соработка

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев оствари средба со амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ. На средбата стана збор за спроведување на економските реформи, особено за процесот на привлекување на инвестиции во Република Македонија.

Амбасадорката Баришиќ посака успех на Владата и истакна дека Република Хрватска, како членка на Европската Унија, ги поздравува чекорите кои оваа Влада ги прави во однос на исполнување на критериумите за членство во Европската Унија, но и за подобар живот на граѓаните. Таа покажа особен интерес за најавениот нов концепт за привлекување на странски инвестиции, при што истакна дека е особено важно инвеститорите да се чувствуваат сигурни и државата да гарантира безбедност на капиталот.

Вицепремиерот Анѓушев порача дека Владата ќе направи измени во  концептот за привлекување на странски инвестиции кој ќе биде транспарентен, критериумите јавно објавени, а и домашните инвеститори ќе добијат исти услови како странските, што досега не беше случај.

„Работиме на нов модел за привлекување на инвестиции, кој ќе биде транспарентен и ќе овозможи поголема соработка помеѓу домашните и странските компании. Ќе привлекуваме реномирани странски компании да дојдат во нашата земја, а паралелно ќе ги поттикнуваме домашните инвеститори технолошки да се развиваат, да бидат извозно ориентирани, воедно да станат добавувачи на странските, со што би го подигнале нивото на меѓусебна соработка. Странските инвеститори се добродојдени, но мора да ги развиваме домашните фирми, за одржлива економија која ќе продуцира повисоки стапки на раст“, потенцираше Анѓушев.

Соговорниците заклучија дека меѓусебната економска соработка треба да продолжи да се развива и дека поддршката од Република Хрватска на евро-атлантскиот пат на Република Македонија е многу значајна.

(http://www.mkd.mk/makedonija/ekonomija/makedonija-i-hrvatska-kje-rabotat-na-intenziviranje-na-ekonomskata-sorabotka)



Press releases